Вечноста издлабена во карпа

Кога патот ќе ве донесе во микрорегионот Зрзе, вие започнувате патешествие низ историското, но и низ вонисториското време. Чудотворните мириси на лековитата жалфија и волшебната мајчина душичка, црцорењето на птиците што прелетуваат ве следат додека се качувате по патеката под падините на Даутица, која најверојатно е иста уште од доцниот антички период во времето на Климент Охридски.

Во 9 век првпат карпата ја населуваат монаси. Монашкото братство грижливо ја браздело, вдахнувајќи ѝ духовен карактер. Во неа се моли, се самува, се тихува, се солзи. Во бигорниот манастир Зрзе се издвојуваат 7 ката со повеќе од 30 градителски облици: цркви, тихувалишта, ќелии, работилници, јами.
Над древната монашка населба на хоризонтално плато, во 14 век монахот Герман подигнал општежитие со црква што ја посветил на празникот на исихастите,
„Св. Преображение Христово“.

Неговиот син, монахот Харитон со своето семејство бил ктитор на фреско-живописот во препратата.
Внуците на монахот Герман, митрополитот пелагониски Јован и неговиот брат, зрзескиот јеромонах Макариј ги творат најзначајните дела на Зрзеската иконописна школа: иконата „Христос спасител и жизнодавец“ (1391) на Јован и чудотворната икона „Богородица Пелагонитиса“ (1422) на јеромонахот Макариј се најавтентични икони на нашето поднебје.

Во наредните векови братството непоколебливо се справувало со сите предизвици. Манастирот Зрзе бил разурнуван па граден, ограбуван па возобновуван.

Се менувале годините на сиромаштија и благосостојба, на војни и мир. Во тешките времиња, светата обител продолжила да му сведочи на народот Божји дека без жртва и крст нема радост и воскресение.

Во 18 век повторно е обновена северната страна и оттогаш кај народот е позната како Овчарска црква,
во чест на овчарче што загинало со маченичка смрт бранејќи го манастирот од злосторници кои сакале да го уништат. На местото на неговото страдање е насликана фреска со неговиот лик.

Во најтешките времиња за македонското монаштво,
во Зрзе престојува монахињата матушка Ирина
(1891-1962), која во Зрзе препознала мирно пристаниште во чиј сјај до денес блеска чистотата
на нејзиното покајание и молитва.

Од 1998 година, со вжителувањето на монашката заедница, манастирот Зрзе се возобновува во општожителен машки манастир. На почетокот на
21 век, третпат во својата историја, Зрзе станува епископско седиште, овој пат на епископот Климент Хераклејски.

Заемност и проникнување

Манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе се наоѓа на 34 км северозападно од Прилеп, речиси на 1.000 м надморска височина, во подножјето на планината Даутица. Отежнатата пристапност влијае на посетеноста на манастирот. Во зимскиот период, поради снегот е речиси отсечен за вообичаена комуникација. Отворен е од рана пролет до доцна
есен. Празникот Св. Преображение Христово на
19 август е манастирска слава, кога во духот на монашкото предание и вековните традиции братството за секој гостин во манастирот приготвува посно гравче, риба, грозје и жито.

Во манастирската иконописна работилница монасите изработуваат икони во традиционалната техника со позлата од 24-каратно злато и природни бои.
Зрзеската природа не дозволува да се поседува.
Таа инсистира на заемност и проникнување. Ни се открива и ни се нуди самата. Манастирскиот извор Бојаник ја расцепува бучавата на ветрот што ги расејува мирисите и семињата на дивите билки и
чаеви, а столетните ореви ве тераат да ја чувствувате божествената закрила.