Матка во срцето

По патот долг 138 километри, пробивајќи се низ карпите и „дивината” на кичевскиот предел и секако Порече, својот мир, својата „бонаца” реката Треска ја наоѓа во мреѓието на кањонот на Матка. Велам, мреѓието како поради многулетноста и дивоста, но пред сè - заради духовноста.

Си реков: Матка е тука, блиску е, нема да ни треба многу пат и брзо ќе завршиме работа.

Планот беше да ги посетиме сите цркви и светилишта, да скокнеме до Врело, да се напиеме кафе во планинарскиот дом, да го посетиме ловиштето, да... и сето тоа во еден ден.

Не, драги мои. Тоа Матка не го дозволува. Нè влечкаше од место до место, ни го забавуваше чекорот, нè заморуваше... сè со цел да не брзаме, да не итаме, да не протрчаме низ неа, туку да застанеме и да се замислиме, на пример, зошто старите древни храмови се изградени високо во карпите, зошто ,змиското грозје испушта портокалова боја или, пак, зошто во пропастите и пештерите се крие толку многу мистичност. Не, Матка не ни дозволи да ја потцениме.

На само 15 километри југозападно од Скопје, во долниот тек на реката Треска е создаден објект на - ПРИРОДАТА. Како и да го погледнете: геолошки, геоморфолошки или хидролошки, останувате без здив. Ова величествено дело на природата, со висина на страните од 1.000 метри, со стрмни засеци над 250 метри, е создадено со вертикалната ерозија на реката Треска во текот на  „Господ само знае” долгата геолошка историја...

Авантурата започнува на едно километар-два над селото Матка. Тргнуваме кон црквата „Св. Спас”, сместена на планински рид висок околу 600 метри. Се искачуваме во еден молк. Здивот го чувавме за оној миг кога ќе стигнеме на целта, да се има сила длабоко да се наполнат белите дробови.

Стигнуваме до еднокорабната црквичка „Св. Спас”. Ѕиркаме низ прозорчето, но не успеавме да го најдеме клучот и да влеземе во неа. Пишаните документи раскажуваат дека станува збор за средновековна градба (доцен 14 век), која најверојатно е градена врз култен објект поврзан со силниот култ кон свети Спас, што месното население го поистоветува со оваа црква...

На десетина чекори подолу забележуваме дрвен знак на кој со рака е напишано „Св. Ѓорѓија”. На одбележаниот простор оставени тули. Нечија желба... или намера?! Но ние ја бараме „Света Троица” или „Св. арангел Михаил”. Знаев дека е тука. Но каде ли беше? Вртиме во круг, барајќи ја локацијата и одеднаш - еве ја!

Повеќе камени архитектонски делови, кои според историчарите и тополошките карактеристики датираат од раноримскиот и доцниот антички период. Една убава „сцена”. И повторно во едни вакви мигови, како и секогаш – го допирам каменот, небаре ќе ми ја раскаже приказната стара десетина векови... Но, верувајте, тоа секогаш се случува. Под тој студен допир извира топлина што ве потсетува и на вечноста и на смртноста. Ве прави мали како зрнце песок и ве воздигнува со можност да оставите трага, своја сопствена. Дел од себе и од својата енергија.

Сонцето веќе силно пече. Минуваме по еден тесен карпест рид наречен Аргачине. Се искачуваме, а јас ништо не успевам да забележам. Да, Марковиот град тешко се уочува. Доколку не го познавате теренот или немате некој да ве води, тешко дека ќе го забележите. Знаеле предците каде да ја направат својата тврдина. Да ги штити од злото, од непријателот, од небрежникот. Тогаш и денес.

Но кој бил владетелот или газдата на Марков град? Постојат две можности: во средниот век се претпоставува дека бил утврден манастирски комплекс со црква и конаци, но исто така е можно да било феудална тврдина со благородничка црква. Тука, записите велат, живеел Бојко, благородник, господарот на Матка.

Од благородничката црква денес... многу траги. „Света Недела” е мала еднокорабна црква. Се забележува дека имала широки ѕидови изработени од кршен и делкан камен-варовник, со користење и на тули и тегули. Живописот е видлив, но сепак и тешко се распознава. Народот сепак си го сака ова место. Беа оставени свеќи, темјан и масло, дури имаше и кибрит, да запалите свеќа. Ваше е дали ќе оставите нешто од себе. Историјата, пак, сè уште не го одгатнала прашањето кој е ктиторот?

„По волјата на Бог отец седржител и со помошта на синот единороден и со содејствието на сепресветиот дух се создаде и се исписа овој свет и божествен храм, во име на светиот славен врвен апостол Христов прозвани Андреј”... Ова е дел од натписот што се наоѓа веднаш над западната влезна врата од убавиот и полн со легенди манастир „Св. Андре”, сместен во срцето на Матка. И не можело да се пронајде поубаво место во овој дел на „светот”, во ова мало парче чудесно по душата што ја дава за секој што со отворено срце влегува во него. Денес, можеби е лесно да се дојде до него. Со автомобил за час, но ме замисли како ли било во 1389 година, кога вториот син на Волкашин, Андреаш, го изградил! Како во старо време се "ползело" дотука? Кога часови требало за да се пристигне, а уште згора и товар да се носи!

Црквата е можеби со мала градба и можеби фреските не се импозантни по својата големина. Но затоа двата циклуса свесно избрани светителски фигури раскажуваат и раскажуваат. Само доколку сакате да слушате.

Но нас времето нè газеше. Чамецот веќе беше подготвен да нè вози кон Врело.

Се возиме со чамецот, нестрпливо осврнувајќи се ту лево ту десно. Мислев, ќе ги видам, во својата природа, во нивниот извонреден лет... да, белоглавите орли. Но, толку малку останаа. Не ги видов. Барем не тој ден. Но ги видовме високите гнезда сместени во карпите. По некои триесетина минути стигнавме до Врело, една мистично убава подводна пештера за која ќе речам „Господ знае само колку е длабоко”. Досега се истражени 500 метри хоризонтално и 212 метри вертикално... длабоко, навистина длабоко „сино”... Меѓу најдлабоките во Европа. Но статистиката тука и не е важна. Важна е приказната, а таа вели дека не смеете да живеете во градот Скопје и да заборавите на ова место, па едно десетина години и да не отидете да го видите. Толку од близината или, пак, од небрежноста. А во пештерата Врело, која патем е целосно приспособена за туризам, ќе ги сретнете и колониите лилјаци и барем ќе им објасните на своите деца дека тоа не се грозни животинчиња туку, напротив, многу корисни ендемски суштества. Ќе ја чуете и приказната за „руското езеро”, бидејќи во него зиме првпат се избањал рускиот амбасадор во Македонија. Не знам дали е точно, но приказната е шармантна.

Приказната тука ја завршувам. Исполнив само еден дел од зацртаното. Не, Матка не може да се види во еден ден. Затоа е и убава. Приказната секогаш продолжува... За Матка-мајката родителка, за „Св. Богородица” - храмот на денешниот женски манастир изграден во 14 век, за манастирот „Св. Јован Златоуст”, за Марковата Нога, за Градец, за...

А дали знаете дека во кањонот на Матка е зачувано и извонредно богатство на автохтона флора и вегетација со истакнати реликти и ендемити. Во пукнатините на карбонатните карпи се среќава и Наталиевата Рамонда, едно растение што се користи за компресирање на храната за астронаути.

Ех, оваа моја чудесна земја!