Портите на Велјуса
Се сеќавате ли на мачорот и неговите чизми, оние големите со кои одеше преку седум мориња и седум гори... Некако слично се чувствувам и јас во овој миг, обидувајќи се со моите обични патики да отидам и да откријам не некои други земји, туку оваа мојата
- чудесна Македонија.
 
 
Да гребнам по неа, по нејзината почва, да видам колку оваа плодна земја во која лебот сè уште некаде се пече во фурна, може да ме изненади и да ми раскаже за некои мигови минати, за стари приказни и времиња сегашни. Си реков, ајде, да се изненадиш...
 
Тргнуваме...
 
Доколку тргнувате од Скопје, патот ве води преку Велес, Штип и Радовиш кон Струмица. Малку пред Струмица (имате табла) вртите десно и од магистрален, возите по локален пат. Патот е долг 150 километри.
 
Ако за Охрид велат дека го чуваат 365 цркви, 
за Струмичко приказната би можела да гласи - со манастири. Велјуса е типично рурално македонско село, сместено во Струмичкото Поле. На едно карпесто плато некако затскриено од манастирските порти, се забележува само дел од она што очекувате
да видите.
 
Порано селото се викало Палеокастро, но откако е изградена црквата, посветена на Богородица Елеуса (Милостива), селаните кога доаѓале накај црквата викале: Одиме во Елеуса… Велеуса. Станува збор за народно предание, кое се смета и за најверодостојно. 
 
 
Се искачуваме кон портите. Рано утро е и тивко ја отворам портата. Здивот застанува. Древна црква и неколку новоизградени комплекси во македонско-византиски стил на ѕидање (кршен камен и тула). Прекрасно уреден парк  и камени патеки што ве водат до секој дел одделно. И тиса во култивирана варијанта.
 
Тишина. Молк.
 
 
Архитектите црквата ќе ја опишат како четириконхална, со осмоаголна купола. Во доста оштетениот фрескопис се издвојуваат фрески од два периода на настанување: делумно зачувани фрески во олтарниот простор, тамбурот на куполата и јужниот параклис од времето на подигнувањето на црквата и фрески од втората фаза (од 12 век), кои се наѕираат во егзонартексот на западниот и на северниот ѕид од јужниот трем.
 
Во внатрешноста на црквата се зачувани оригинални делови од најстариот мермерен иконостас и фрагменти од мозаичните декорации на подот. Мошне е ретка и фреската на Исус во куполата, бидејќи Исус ретко се прикажува  како дете на 12 години. Во својата историја, долга 1.000 години, манастирската црква на еден тивок начин претставува сведок на времето и на случувањата низ него.

Над главната врата на црквата стои копија (оригиналот од овој, но и од вториот натпис, во текот на Првата светска војна биле извадени и однесени во Бугарија, каде што и денес се  чуваат во Софискиот музеј) од мермерната плоча со натпис на ктиторот, од 1080 година, во кој на грчки е запишано: „Се обнови од основа овој храм на Пресветата Богородица Милостива (Елеуса) од монахот Мануил, кој стана епископ на Тивериопол во годината 6588 (1080) индикт 3“. 
 
 
Во овој манастир живеат десетина монахињи. Денот им почнува и им завршува со молитва. Молитвата со усните тивко си ја кажуваат во текот на целиот ден. 
Со овој подвиг на постојано кажување на молитвата, поврзан е и подвигот на незборување, поточно, нивната комуникација е сведена на минимум.
Сестрите ќе речат: „Зборуваме само за неопходните работи, за да не се губи време и да се расејува умот“.
 
Монаштвото во Македонија, според пишаните документи, има вековна традиција. Првите докази историчарите ги наоѓаат во Типикот испишан од епископот Мануел , некаде меѓу 1085 и 1106 година.
Во него стои дека игуменија на манастирот е Пресвета Богородица, додека на катекуменот му е дадена неприкосновена власт во управувањето со имотот и во организацијата на животот. Манастирот во своето многувековно постоење бил и машки манастир. Во 1996 година, со обновувањето на монаштвото, тој бил претворен во женски манастир.
 
 
Како гостин, овозможен ви е контакт со сестрата гостоприемник, додека останатите го негуваат молчењето и постојаното кажување на Исусовата молитва. Само ќе ви речат: „Во целиот свој живот Богородица била неискажливо смирена и кротка. Својата тајна ја скрила со молчењето и токму затоа манастирот го има нејзиниот белег“. Тука сè e тивко, ништо не е претенциозно, дури ниту камбаната не чука, бидејќи се слуша селската. Монашкиот дел е затворен за гостите, главно, но правилото може да се прекрши само со благослов од владиката.
 
Портите од Велјуса се затвараат зад нас.
 
Велјуса е вистинското место каде што може да му се препуштите на сопственото самоосознавање и да го истргнете метежот во главата. Еден светогорски старец запишал: Ако одиш во планина на неколку часа од љубов кон зеленилото и желба накратко да избегаш од градот, тогаш ќе стекнеш спокојство, но ако одиш за да Го бараш Бога, тогаш тоа ќе стане место на невидлива борба и страдање…
 
Слушнете се себеси.  Не расејувајте си го умот.
 
Во оваа моја чудесна земја.